Барса е повторно европски шампион!

Photo: EHF/Kolektiff

БАРСА – ФУКСЕ БЕРЛИН 37-34 (20-16)
Фраде 7, Јанц 6, Гомез 6 - Гидсел 8, Андерсон 7, Фрејхофер 7



Екипата на Барса е повторно европски шампион! Најуспешниот ракометен колектив на сите времиња ја освои 12 титула европски првак, а нивниот тренер Антонио Ортега запиша деветта титула, трета како тренер, сите освоени со Барса.

Во финалето на годинешниот Фајналфор, Барса за противник го имаше Фуксе Берлин. Максимално мотивирани истрчаа Германците во своето второ финале. Можеби може за нив да се примени фразата „изгореа во желбата“, затоа што играа премногу брзо, беа невнимателни и брзоплети, а Барса премногу добро знаеше што сака и што прави на теренот.
Ако по нешто е позната играта на Барса, тоа нивната умешност да ја казнат грешката на противникот, да го препознаат секој момент и веднаш да вратат на секоја закана. Вечерва одбраната на Барса со Емил Нилсен на чело на колоната беше за злато во ЛШ, а во нападот блескаа Словенците Домен Макуц и Блаж Јанц.
Уште многу рано Барса стигна до предност од четири-пет гола користејќи ја брзоплетоста на Берлин. Не се збунија од брзите центри, беа спремни, се враќаа навреме и играа неверојатна одбрана, особено против Матијас Гидсел.

Берлин беше во ситуација да брка негатива цел натпревар. По минус пет на полувреме, во вториот дел конечно проработе Гидсел, разликата се намали на три, на два, а во финишот на помалку од пет минути до крајот, Берлин напаѓаше за минус еден.
Клучен момент, погреши Гидсел и Барса од контра постигна гол за плус два, следеше брз напад на Берлин и веднаш одбрана од Емил Нилсен по што Барса погоди за плус три и го заклучи овој натпревар.
Со овој натпревар е спуштена завесата во ракометна Европа. Единствено ракомет на високо ниво сега се игра во Кувајт по што официјално почнува 15 дневен одмор и потоа ќе биде отворено поглавјето Сезона 2026-2027.

Поврзани вести