Кузмановски ќе игра за бронза за азиската ЛШ

Photo: Asian Handball Federation

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски денеска ќе игра за бронзен медал на Азискиот шампионат, пандан на ЕХФ Лигата на шампионите.
Неговата екипа Ал Кувајт во полуфиналето беше поразена (24-29) од екипата на Ал Калеј за која настапуваат Димитро Хориха и Кристијан Пилиповиќ.
За вчерашното полуфинале, откако прегледавме низа „релови“ можеме да заклучиме дека е натпревар на кој ракометот успешно беше вкрстен со уште неколку олимписки спортови како што се на пример џудо или рагби. Сетоа тоа беше облагородено со чаирски шарм во меѓусебната комуникација на играчите на теренот.
Филип Кузмановски и Димитро Хориха постигнаа по еден гол, Пилиповиќ имаше добра партија со 12 одбрани, доколку е точна официјалната статистика.
Во второто полуфинале, кое беше резултатски подраматично со гол во последните секунди од мечот, Бурган каде што игра Косуке Јасухира (7/7), го совлада тимот на Ал Духаил од Катар (32-31) каде што во стручниот штаб е и македонскиот тренер Петар Мисовски.

По полуфиналниот расплет, во финалето ќе се сретнат екипите на Ал Калеј од С. Арабија и Бурган од Кувајт. Во мечот за третото место ќе играат Ал Кувајт и Ал Духаил.

Поврзани вести