Првиот од големата четворка што ги почна подготовките за новата сезона е екипата на Алкалоид. Кирил Лазаров денеска го одржа првиот тренинг на Алкалоид, а на прозивката во Автокоманда имаше три нови имиња. Матиц Сухолежник, Вуко Борозан и Нејц Цехте се новите ракометари на Алкалоид.
Подготовките на Алкалоид ќе се одвиваат во Скопје до трети август и потоа следуваат подготовки на Маврово. Во последниот дел формата ќе се темпира преку пријателски натпревари.
На првиот собир, ракометарите ги поздрави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје.
Ланската екипа е модифицирана, а заминаа четири ракометари. Тоа се Никола Маркоски, Кристијан Симоноски, Мартин Серафимов и Мартин Ивановски.
Пикерот Матиц Сухолежник доаѓа од екипата на Слован, претходно има играно и Данкерк, Бенфика... Нејц Цехте во Македонија се враќа виа Берлин, каде со кого играше и во финалето на ЛШ.
На позицијата лев бек ќе игра и црногорскиот ас Вуко Борозан, ракометар кој е добро познат во Македонија. Има 32 години, а висок е 203 сантиметри, а за него ова е враќање во Автокоманда, каде што своевремено и ја почна вистинската меѓународна кариера.
„Се вратив повторно во Автокоманда, тука и ја почнав кариерата во Македонија. Бев во Металург, во Вардар и Охрид, на ред дојде Алкалоид. По кратки преговори и разговори првенствено со тренерот Кирил Лазаров и со сите луѓе од управата. Брзо се договоривме, со единствена цел што може да ја има секој спортист, а тоа е да освојуваме трофеи заедно. Сѐ што може да се освои, да се освои. Уште една причина поради која што дојдов е и тоа што добро го познавам Алкалоид, го познавам и тимот и тренерот. Мислам дека имаме еден добар тим, добиваме многу со Цехте и Сухолежник и очекувам првенството да биде навистина интересно“, изјави Борозан.