Сухолежник: Сакав да играм во Македонија

Еден од клубовите од големата четворка на македонскиот клупски ракомет, РК Алкалоид вчера ги почна подготовките за претстојната сезона во која покрај домашната Суперлига и Куп, ќе игра и во Регионалната лига и во ЕХФ Куп, натпреварување каде што веќе освои една ѕвездичка во сезоната 2024/25.




Ракометарите веќе ги знаат принципите на тренерот Кирил Лазаров и на прв поглед летниот одмор освен малку боја на кожата и ведро расположение, не оставил други траги на опуштање.

Подготовките во воведот во тренажниот процес до трети август ќе бидат во Скопје, а потоа почнува вистинското откако ќе отидат во Маврово и ќе почне полнењето на батериите.

Во екипата има неколку играчки промени, некои играчи заминаа, а нивното место беше пополнето до тројца ракометари. Меѓу нив е и играч што треба да ја направи одбраната посилна, а во нападот да даде повеќе опции. Матиц Сухолежник, словенечки репрезентативец, прв пат ќе игра во македонска екипа. Тој вели, дека тоа била опција што ја посакувал и решил да не ја пропупти.

Матиц Сухолежник е 31 годишен пивот висок 202 сантиметри и во РК Алкалоид доаѓа од екипата на РД Слован. Во својата кариера има настапувано и за екипите на РК Целје, Данкерк и Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак РК Загреб.


„Првите впечатоците за Алкалоид се многу добри, ми се допаѓа и клубот, а и Скопје како град. Сега пред нас има многу работа, да бидеме спремни на почетокот на сезоната. Се надевам, а и верувам дека ќе имаме добри резултати заедно.
Ја следев македонската лига низ годините, ми се допаѓа што напредува од година во година. Се работи за доста силна лига. Ми се даде прилика да дојдам во Македонија, од претходно си кажав дека ако ми се даде шанса, ќе ја прифатам.
Очекувањата за сезоната се секогаш највисоки, секој меч ќе дадеме се од себе и се надевам на што е можно подобар пласман на сите фронтови“, изјави Матиц Сухолежник.

Поврзани вести